По Сараево и Приштина, шефот на НАТО пристигна во Белград
Утре (21 ноември) тој ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.
Шефот на НАТО ќе се сретне и со српски научници кои ќе ја претстават технологијата развиена во рамките на проектите на НАТО „Наука за мир и безбедност“.
Пред да отпатува за Белград, Столтенберг беше во Приштина, каде рече дека зголемувањето на военото присуство на Косово за 1 000 војници покажува колку сериозно Алијансата го сфаќа насилството што избувна во Косово во последните месеци.
Столтенберг на прес-конференција со претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја истакна важноста на стабилноста на Западен Балкан.
Тој го поздрави и новиот предлог-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Воспоставувањето на Заедницата ќе биде клучен чекор кон нормализирање на односите и кон одржлив мир во регионот“, рече Столтенберг.
Шефот на НАТО го посети и Сараево пред Приштина, каде изрази загриженост за сецесионистичката реторика на поделба и руското влијание.
„Тоа се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослабне реформите. Сите лидери мора да работат на напредок. Тоа е исклучително важно за нас и ние сме посветени на безбедноста и стабилноста на овој регион, во вашата земја која е од големо значење за регионот на Западен Балкан и затоа го продлабочуваме нашиот политички дијалог и нашата практична соработка“, рече Столтенберг.
Тој порача дека „сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Утре (21 ноември), Столтенберг од Белград ќе допатува во Скопје, каде ќе се сретне каде ќе се сретне со претседателот Стив Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски.
Генералниот секретар на НАТО ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе се обрати и на седница пред пратениците.
Во средата (22 ноември) во Скопје, Столтенберг ќе има и состанок со лидерите на земјите-членки на НАТО од регионот. По тој повод се очекува во главниот град на Северна Македонија да пристигнат лидерите на: Албанија – премиерот Еди Рама, Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ, и Словенија – премиерот Роберт Голоб.

