Москва прогласена за најудобен град за живот
Направена е листа на најудобните за живеење руски градови со над милион жители: лидер според рејтингот е Москва, а аутсајдер – Волгоград, соопштува весникот „Известија“, повикувајќи се на заедничкото истражување на Агенцијата за хипотекарни станбени заеми и КБ „Стрелка“ – „Индекс на квалитетот на урбаната средина“.
„Во аутсајдерите се најде Волгоград, кој вкупно доби 32% и покажа слаби резултати според сите елементи на индексот. Најниска оценка (18%) градот доби според показателот „Зеленило и водени површини“, се вели во истражувањето.
Зошто туристите треба да доаѓаат во Москва
Москва доби 73% и е единствениот град на листата чија состојба е оценета како добра. Според аналитичарите, главниот град е лидер поради широките финансиски можности, а, исто така, и поради тоа што „тука смислено и намерно се занимаваат со создавање на удобни услови за жителите“.
На второто и третото место се Санкт Петербург (65%) и Казан (51%). Овие градови ја надминаа Москва во секцијата „Социјално-рекреативна зона“: во Санкт Петербург удобноста беше проценета на 76%, во Казањ - со 72%, додека во Москва показателот изнесува само 58%. Според сите останати елементи главниот град покажува најдобри резултати.
„Индексот на квалитетот на урбаната средина“ е еден од резултатите на извршувањето на налозите на претседателот на Русија Владимир Путин, дадени по завршувањето на Државниот совет за прашања за развој на градежната индустрија и подобрување на урбаниот развој во мај 2016 година. Студијата се базира на проценка на индикатори како што се „Домување и околниот простор“, „Улична инфраструктура“, „Зеленило и водени површини“, „Социјално-рекреативна зона“ и други, пренесува РИА „Новости“.