Одложено судењето за предметот „Таргет - Тврдина“
Судењето за споениот предмет на СЈО „Таргет – Тврдина“, за незаконско прислушување и за уништување на опремата за прислушување, е одложено за 17 јануари. Судијката Ленка Давиткова образложи дека судењето се одложува, оценувајќи дека не се исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа.
Во предметот обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски.
Јанкулоска, Мијалков и Јакимовски денеска дојдоа во судот, а нивните адвокати на почетокот на рочиштето побараа да не снимаат медиумите, бидејќи дел од обвинетите се уште се вработени во УБК.