Иницијаторот на законот "Магницки" осуден во Русија
Судот во Москва денеска во отсуство го осуди Вилијам Браудер, бизнисмен кој заговараше донесување на американски закон против руските официјални лица поради кршење на човековите права. Тој е осуден на девет години затвор поради избегнување на плаќање данок и вадење на парите надвор од земјата. Тој се сметаше за движечка сила во текот на носењето на законот „Магницки“ именуван по адвокатот Сергеј Магницки кој умре во затвор откако ги обвини руските власти за вмешаност во даночни измами.
Соработникот на Браудер, Иван Черкасов е осуден на осум години затвор поради истите обвиненија. Двајцата, според пресудата треба да платат на руската влада отштета од околу 69 милиони долари. Браудер и во 2013 година во отсуство беше осуден за одбегнување на плаќање данок, а пресудата ја окарактеризира како измама.
Законот Магницки е спорна точка меѓу САД и Русија откако тогашниот американски претседател Барак Обама го потпиша во 2012 година. Набрзо потоа, рускиот претседател Владимир Путин со закон им забрани на американските граѓани да посвојуваат руски деца.
Браудер, пак, десет години го водеше еден од најголемите инвестициски фондови во Русија пред да ја напушти земјата, а во 2006 година му беше забрането влегување бидејќи бил закана за националната безбедност. САД врз основа на законот Магницки претходно месецов воведоа санкции за уште пет руски официјални лица, меѓу кои и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.