ЕУ ќе се бори против лажните вести
Европската Унија формирала работна група која треба да придонесе за идентификација на лажни вести и која ќе предложи начини за решавање на овој проблем, во екот на големата загриженост дека лажните информации би можеле да влијаат на изборот на членки на Унијата. Тим од 39 експерти кои денеска имале прв состанок, треба да утврди колкав е проблемот, кој треба да се бори против лажните вести и на кој начин, јавува агенцијата АП. Европската комесарка задолжена за дигитална политика Марија Габриел изјави дека лажните вести се шират со загрижувачка брзина и додаде дека тоа ја загрозува репутацијата на медиумите и напредокот на демократијата. Состанокот е одржан бидејќи францускиот претседател Емануел Макрон најави закон за сузбивање на лажните вести на интернет во текот на предизборниот период. Тимот на експерти, новинари и професори треба да дадат препораки до Европската Комисија до крајот на април.