Владата реагира до Ројтерс - Предлозите се на Нимиц
Од Кабинетот на претседателот на Владата реагираат во врска со интервјуто на премиерот Зоран Заев за Ројтерс. Во соопштението реагираат на, како што велат, погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со Заев, во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името“. Во соопштението од Владата велат дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц.
„Тоа значи дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Република Македонија“, стои во соопштението.
Ројтерс текстот со наслов „Македонија има четири опции за решавање на спорот за името со Грција“, го започнува со тоа дека „Македонија предложи четири опции за решавање на спорот. Потоа пренесуваат изјава од Заев во која тој вели „ Предлозите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје).“
Од Владата реагираат и за делови од интервјуто, преземени од страна на некои медиуми, во кои се пренесува, како што наведуваат во соопштението, дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во Уставот“. Од Кабинетот на Заев велат дека тој нема искажано таков став во интервјуто за Ројтерс.
Заев во интервјуто вели дека „останува отворено прашање дали постои „вистинска потреба“ за промена на Уставот на Република Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци“.