Марш во Битола за одбележување на холокаустот
Холокаустот е еден од најмрачните периоди на човековата цивилизација во минатиот век затоа што на најбрутален начин беа ликвидирани над шест милиони мажи, жени, деца и старци, само затоа што беа Евреи, а меѓу нив и 7 144 Евреи од територијата на денешна Република Македонија, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на настанот во сеќавање на депортираните Евреи од Битола пред 75 години. Јасно и гласно кажуваме, нагласи Џафери, дека никогаш нема да го заборавиме холокаустот и никогаш нема да дозволиме извитоперување на историските факти во смисла на негово негирање.
Сеќавањето на кобното утро на 11 март пред 75 години, денеска во Битола беше одбележано со Марш на животот, во кој учествуваа неколку илјади битолчани и гости од Германија и Израел. На него присуствуваше и заменик-министерот за одбрана на Израел, рабин Елиаху Михаил Бендахан, кој нагласи дека собирот во овој град бил одлична и уникатна можност да се соберат сите кои сакаат да потсетат на Евреите кои како заедница живееле во Битола.
Комеморативниот Марш на живите почна пред Здравствениот дом „Хаим Абраванел“, продолжи по Широк Сокак и заврши на Железничката станица во Битола, каде сите учесници ставија цвеќе на „шините за збогување“ во знак на почит кон депортираните битолски Евреи. На Еврејските гробишта потоа беше промовирана Ерусалимска патека, а во битолскиот Музеј беше отворена изложбата „Дипломати праведници меѓу народите“.