Портпаролката на руското МНР обвини влијателен руски пратеник за сексуално вознемирување
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова е последната жена која го обвини влијателниот руски пратеник Леонид Слатски за сексуално вознемирување. Захарова, која е често цитирана во западните медиуми, вчера рече дека Слатски во ресторан и зборувал работи кои таа ги сметала за непријатни. Во гостувањето на руската телевизија НТВ таа рече дека тоа се случило пред пет години кога се уште не била толку позната јавна личност.
Со ова таа им се придружи на трите новинарки кои претходно излегоа јавно со обвинувања кон влијателниот пратеник. Јекатерина Кортикаџе, уредник во телевизијата РТВИ, Дарија Зунк, продуцентката на телевизијата Дожд и Фарида Рустамова, соработничка на рускиот сервис на Би-Би-Си последниве денови го обвинија Слатски за сексуално вознемирување наведувајќи дека тој им давал груби и несоодветни забелешки и дека се обидел да ги бакнува и допира.
Педесетгодишниот Слатски ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе ги тужи за клевета, но на својот прфил на социјалната мрежа Фејсбук на 8 март побара извинување.