Дачиќ: Вучиќ треба да го повлече потписот од Бриселскиот договор
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека ќе му предложи на претседателот на Србија, Александар Вучиќ да ги повлече потписите од Бриселскиот договор.
“Јас го потпишав Бриселскиот договор како премиер, јас би го повлекол потписот и би кажал: Не сакате Заедница на српските општини, тогаш не го сакаме ниту ние сето останато. Ќе вратиме се на претходна состојба, а тоа е враќање на српските институции на Косово,” изјави Дачиќ по состанокот со алжирскиот министер за надворешни работи Абделкадер Месахел, кој престојува во посета на Белград.
Дачиќ истакна дека ваквиот предлог му го кажал на Вучиќ и на претходниот состанок, но не посочи што му одговорил српскиот претседател. Шефот на српската дипломатија исто така изјави и дека Србија ќе направи максимални напори за постигнување на компромисно решение во врска со Косово.