Трамп ја одложи посетата на Јужна Америка поради Сирија
Американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа посетата на Јужна Америка, која беше предвидена за оваа недела и ќе остане во САД за да „го надгледува американскиот одговор во Сирија и да ги следи случувањата во светот“, соопшти Белата куќа. Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс денеска соопшти дека Трамп нема да присуствува на Самитот на Америките во Перу и нема да оди на закажаната посета на Колумбија на 13 април. Наместо него, ќе оди потпретседателот Мајк Пенс.
Трамп вчера се закани дека ќе преземе воена акција против сириската влада, поради наводниот хемиски напад во градот Дума, кој е под контрола на бунтовниците, во кој загинаа над 40 луѓе. Трамп рече дека енергично ќе одговори на нападот и оти наскоро ќе одлучи како.
Сириската влада негира дека извршила хемиски напад во Дума. Тие ја повикаа Меѓународната организација за забрана на хемиското оружје да испрати мисија во Сирија за да го истражи наводниот напад.