Јилдирим: Турција подготвена за „нова страница“ во односите со Ерменија
Ако Ерменија го напушти својот непријателски став, ако сака да отвори нова страница, ќе ги разгледаме деталите и согласно на тоа ќе одговориме, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим за односите со Ерменија.
Ваквиот став на Јилдирим претставува одговор на повикот на новиот ерменски премиер Никол Пашињан за воспоставување дипломатски односи меѓу двете соседни земји.
Анкара и Ереван во 2009 година потпишаа Договор за воспоставување на дипломатски односи и отворање на заедничка граница, но подоцна тој пропадна поради инсистирањето на Турција и Азербејџан, Ерменија да се повлече од спорниот регион Нагорно- Карабах.
За влошување на односите придонесе и барањето на Ерменија, страдањето на 1,5 милиони Ерменци во Отоманската Империја за време на Првата светска војно, да се прогласи за геноцид.