Авиокомпанијата која ги однела ѓуленистите од Приштина во Турција се соочува со казна
Авиокомпанијата со која патуваа шестмината турски државјани, кои беа екстрадирани од Косово во Турција под обвинение дека се припадници на движењето на исламскиот проповедни Фетула Ѓулен, излажала за целта на летот, со тоа што побарала дозвола за комерцијален лет, за што може да добие висока парична казна, објави МИА.
Ова денеска пред Комисијата за надзор врз јавните финансии на Собранието на Косово го изјавил директорот на косовската Управа за цивилно воздухопловство (ААЦ), Дритон Ѓонбалај, претставувајќи го годишниот извештај за работата на неговата агенција.
На крајот на март годинава шестмина турски државјани - пет наставници и еден лекар, кои работеа во Косово, во тајна операција беа екстрадирани и предадени на турските власти. Настанот предизвика бурни реакции во домашната и меѓународната јавност, но и од страна на премиерот Рамуш Харадинај, без чие знаење се уапсени и протерани Турците.