Ќе има дебата за даночните реформи
Нема да брзаме, туку ќе отвориме дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни, а целта е да постигнеме позитивни и квалитетни ефекти, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за тоа до каде е постапката со подготовката на даночните реформи.
" Штом ќе бидеме подготвени за таа дебата ќе ги објавиме сите анализи, сите податоци и детали, за да биде квалитетна дебатата со внимателно слушање на граѓаните. Така и ќе постапиме, а евентуалното донесување на ваквите закони пред 1 јануари 2019 нема да влезе во имплементација, рече Заев при означувањето на почетокот на градба на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка.
Премерот ги негираше тврдењата дека Владата утврдила до 1.000 евра да се плаќа како и досега 10 проценти, а над 1.000 евра да се плаќа поголем данок.
"Не, дебатата ќе го одлучи тоа. Буквално ќе ги измериме сите податоци и така ќе ја донесеме одлуката, но праведно оданочување е нешто кое е фер во секоја земја.Ние сме левичари и редот е сите граѓани кои имаат поголеми приходи од 1.500, 2.000, 3.000 и 5.000 евра да платат повеќе Дај боже да имаме сите повеќе, сите да платиме повеќе данок на државата. Тие пари одат за социјална помош, за здравство, за образование", додаде Заев.