Ангеловски: Одговорните за нападот на починатото момче ќе одговараат
Одговорните за нападот врз Н.С. (21), кој денеска почина во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе одговараат пред законот, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Тој додаде дека МВР го расчистило случајот и сторители се приведени и одредена им е мерка притвор.
„Насилникот е насилник, без разлика на неговата етничка припадност, во државата постојат закони, функционира правната државата. Ќе ве замолам да не гледате етничка позадина, која многу често се користеше во минатото. Апелирам уште еднаш и до дел од неодговорните портали, кои шират дезинформации и лажни вести, да не го прават тоа“, одговори Ангеловски на прашањето дали овој случај има етничка позадина.
На 2 јули, СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“. Прво и второпријавениот се притворени, а по третопријавениот се трага.
Ангеловски рече дека целокупниот материјал и сите докази се доставени до надлежното јавно обвинителство, ОЈО-Скопје.
Ангеловски посочи дека МВР не е надлежно да одговара дали постои можност случајот да се преквалифкува во убиство и оти за тоа е надлежно обвинителството.