Грција ја предупредила Русија дека нејзини дипломати се вмешани во протестите против Договорот за името
Грција ја информираше Русија на 6 јули дека планира да протера руски дипломати од земјата заради нелегални активности поврзани со митинзите против договорот со Македонија, објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на свој грчки дипломатски извор.
"Пред извесно време ги известивме руските власти дека издадовме предупредувања за четврица дипломати и цивили, а во петокот тоа беше и официјализирано, давајќи им разумен период од неколку дена да ја напуштат земјата", изјавил изворот за Ројтерс.
Протерувањето се должи на „вмешаност во митинзи против Договорот со Македонија и поради обиди да им понудат пари на државни службеници“, вели изворот на Ројтерс.
Дека една од намерите на руските дипломати во грција била поништување на Договорот за името потврдува и новинарот на весникот „Катимерини“, Василис Недос, кој ја објави информацијата за протерувањето, повикувајќи се на дипломатски извори.
„Нашите извори велат дека протерувањето на двајцата руски дипломати и забраната за влез во земјата за други двајца, значи за вкупно четири лица, се однесува на обидот за добивање и ширење на информации кои се важни за националната безбедност на Грција и за обиди за поткупување на државни функционери. Во овие генерални рамки е вклучен и обидот, всушност, да се поништи во пракса патот до Договорот со ПЈРМ за името, тоа е јасно, нашите извори го споменуваат тоа и мислам дека е еден доста важен дел во ова прашање“, вели Недос во разговор со дописничката на МИА од Атина..
Новинарот од „Катимерини“, повикувајќи се на дипломатски извори споменува дека активностите на рускиот фактор биле поврзани со митрополити, градоначалници и слично од северниот дел на Грција, но и со монаси од Света Гора.
„Позната е, а овој пат нашите извори повеќе го споменуваат тоа, вмешаноста на рускиот фактор во случаи на Света гора и многу добрите односи што ги негува со митрополити, градоначалници и други функционери од Северна Грција“, вели новинарот на „Катимерини“.