ДУИ: Жалиме за Саздовски, случајот целосно да се расчисти
Насилството претставува чин за кој нема и не треба да има никакво оправдување и затоа даваме целосна поддршка за расчистување на случајот со починатиот Никола Саздовски, и без никаква задршка, изведување на виновниците пред лицето на правдата, соопшти денеска ДУИ.
„Демократската унија за интеграција изразува длабоко сочувство до родителите, фамилијата и блиските на починатиот Никола Саздовски. Загубата на млад и невин живот, особено на насилен начин, каков што беше овој немил настан, претстава чин кој секогаш и од секого заслужува целосна осуда“, стои во соопштението на ДУИ.
Од партијата велат дека целосно го разбираат револтот на роднините на Саздовски и на јавноста, но апелираат на воздржување од пораки на омраза и нетрпеливост.
„Со оглед на насилната природа на овој настан, и пораката за омраза која е испратена со овој чин, но и со целосно разбирање на револтот на роднините и пријателите на младиот Никола Саздовски, како и јавниот израз на загриженост на граѓаните, сакаме да упатиме апел кој ќе води кон смирување на овој револт, апел за воздржување од провокации, особено апел за воздржување од пораките на омраза и нетрпеливост, кои претставуваат основа за ваквите насилни и немили настани“, велат од ДУИ.