Руската амбасада бара истрага за наводите за руско финансирање на протестите
Руската амбасада во Скопје реагираше на изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев за финансирање на протестите во Македонија од некои бизнисмени од Русија. „Сметаме дека ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи на министерот за одбрана Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, што преку западните партнери на Македонија сe почесто се прифаќа како алатка за постигнување сопствени внатрешни и надворешно политички цели“, се наведува во соопштението на Амбасадата. Руската амбасада натаму оценува дека ваквите изјави ја доведуваат во прашање „искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација“. „Очекуваме македонската страна, во рамките на правното поле на својата држава и меѓународната практика, да спроведе детална и објективна истрага на наводите на кои алудираат посочените членови на Владата на Македонија и да и презентира на јавноста, како и на руската страна, реални факти, а не конструкции“, се додава во сопштението на Руската амбасада во Скопје.