Коѕијас: Не можеме да го смениме универзалното право соседите да се нарекуваат Македонци
Не можеме да го смениме универзалното право, соседите да се нарекуваат Македонци, на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека „вон институционалниот систем и вон јавниот простор, не можеш на луѓето да им наметнеш како ќе се самоопределуваат“.
Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија, вели дека „условите беа зрели, а кога условите се зрели значи дека она што можеш да го направиш, треба да го направиш“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас, во интервјуто неколку пати споменува дека станува збор за компромис, за отстапки од двете страни, бидејќи „Грција не го освоила северниот сосед за да му ги наметне нејзините позиции“.
“Дека ќе можеше да се направи подобар договор, ако вие и јас седевме дома и правевме договор без да постои другата страна, тогаш во ред. Немаше да ја викаме Северна Македонија, ќе ја викавме Северна Алјаска. И секако, ако не претходеа отстапувањата во преговорите сите овие 25 години, се ќе беше полесно. Но, ние имаме две прашања. Едно, дека треба да се согласи и другата страна, бидејќи не ги освоивме преку војна за да им го диктираме она што го сакаме ние. Сакаме другата страна да го убеди нејзиното општество, да добие мнозинство во Собранието, да го добие референдумот, да го ревидира Уставот, да направи тешки работи”, вели шефот на грчката дипломатија во однос на тоа дали Договорот од Преспа е најдобриот што можела да го склучи Грција.
Прашан за трговските производи и од двете земји што ја носат придавката „македонско/и“, министерот за надворешни работи на Грција вели дека ќе биде потребен временски период за да се реши ова прашање.Коментирајќи ги последните случувања во грчко - руските односи и откажаната посета на министерот за надворешни работи на Русија, Коѕијас вели дека со Лавров има пријателски однос, побарал од него да го покани да дојде во Грција за да го подготват патувањето на Ципрас во Москва.
“Јас ја дадов поканата, ако сака ќе дојде, ако не сака нема да дојде, но пак добредојден ќе биде. Ако чувствува дека треба да се идентификува со оние што ги протеравме или со оние на кои не им дозволивме да влезат во Грција, тоа е негово право. Јас се обидов, тоа го кажавме и во нашето соопштение, да не ги идентификувам овие лоши случаи со официјална Русија. Прашање на Русија е дали ќе се идентификува со нив или не”, коментира министерот за надворешни работи на Грција.