Уште една лидерска средба
За денеска во 9 часот во Клубот на пратениците премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев закажа лидерска средба на која ги поканил претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и Биљал Касами. Последната нивна средба се одржа во четвртокот и тогаш најавија нова која би се одржала во недела или понеделник. По средбата Заев и Мицкоски рекоа дека за дел прашања постигнале приближување во ставовите, а за дел не, но не прецизираа за кои конкретно. На средбата главни теми се очекува да бидат формирањето на Државната изборна комисија во пресрет на референдумот за името, референдумското прашање, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се договори и финансирањето на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори. Од СДСМ, пак, тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ги интересира само амнестија, но опозициската партија тоа го негира.