Протераните руски дипломати се обиделе да се инфилтрираат во грчкото разузнавање и армијата, објави Катимерини
Руските дипломати кои што Грција ги протера поради илегално мешање во попречување на Договорот со Македонија, не само што се обиделе да поткупат претставници на црквата и на локалните власти во обид да го поткопаат договорот, туку и се обиделе да се инфилтрираат во Грчката разузнавачка служба и во вооружените сили на земјата, објави грчкиот весник Катимерини.
Според весникот, протераните се обиделе да поткупат поранешен разузнавач и претставници на армијата.
Според владини извори, на кои се повикува катимерини, обидите на Русија да го прошири своето влијание во северна Грција почнале пред одредено време и вклучувале учеството на етнички Грк, кој се преселил во земјата по распадот на Советскиот Сојуз.
„Создавањето на културни групи и други активности биле дел од големата кампања на Русија да го прошири своето влијание во регионот, кое, според Москва, би било нарушено со договорот за името“, наведува грчкиот весник.
Се уште не е познато какви мерки ќе преземе Русија како одговор на протерувањето на дипломатите, посочува „Катимерини" и забележува дека тоа е една од најголемите дипломатски кризи во последните години.