Скај: Уапсен главниот осомничен за пожарите во Грција
![Скај: Уапсен главниот осомничен за пожарите во Грција](https://gdb.rferl.org/3A5DBECC-81BA-446A-849D-442D47C1A510_cx0_cy5_cw0_w800_h450.jpg)
Како главен осомничен за предизвикување на пожарите во источна Атика, во Грција, во кои загинаа 91, а 25 луѓе се водат како исчезнати, е уапсен 65-годишен маж, објави грќката телевизија „Скај“.
Според информациите на „Скај“, уапсениот, чиј идентитет не е откриен, наводно е жител на град во северниот дел на Атика, Пентели, и според неговите соседи, тој и во минатото палел смет и суви гранки, а пред обвинителството сведочеле девет лица кои го сметаат за одговорен за предизвикување на пожарите.
Осомничениот наводно палел трева и суви гранки на брдото над Пентели кога искрите брзо ја зафатиле и другата вегетација. Поради високите температури и силните ветрови кои дуваат во областа, пожарот брзо се прошири и доби огромни размери.
Како што пренесува „Скај“, откако сфатил колкав станал пожарот, а особено после трагичните исходи, осомничениот маж се обидел да ги скрие трагите со земја, вода и кал, на почетната точка на која е предизвикан пожарот.