Заев: Да им се оддолжиме на илинденците и да направиме светла иднина за Македонија
Храброста на нашите борци на кои денес им се поклонуваме е мотивот кој не води секој ден, за држава исправена пред светот. Нема подобар начин да им се оддолжиме, освен со продолжување на храбрите чекори. Време е Македонија да направи историја, забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина. Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички, никој место нас нема да донесе одлука, порача премиерот Зоран Заев од Пелинце, на чествувањето на националниот празник Илинден.
„Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признанена од сите, горда, исправена, еднаква со другите останати, држава на која граѓаните ќе бидат горди“, рече Заев.
Заев, апелирајќи сите граѓаните да излезат на референдумот на 30 септември и да кажат „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија, рече дека Договорот со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство и повика на единство, наместо на поделби.
„Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот - 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознааваат вакви историски моменети, во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено“, рече Заев.