Турција се закани со одмазнички мерки за САД поради санкциите за турските министри
Турција им се закани на САД дека ќе возврати со иста мерка откако Вашингтон воведе санкции за турските министри за правда и за внатрешни работи поради случајот со американскиот свештеник Ендру Бренсон, кому во Турција му се суди за тероризам, објави АП.
„Без сомнение, оваа одлука, што е еднаква на несоодветно мешање во нашиот судски систем, е во спротивност на духот на нашите односи со САД и ќе нанесе тежок удар на конструктивните напори за решавање на проблемите меѓу двете земји“, стои во реакцијата на турското Министерство за надворешни работи.
Турското МНР ги повика САД да ја „укинат таа погрешна одлука", предупредувајќи дека „агресивното однесување нема да послужи на никаква цел и ќе биде пречекано со одмазднички мерки без какво и да било одложување".
Белата куќа вчера соопшти дека САД воведуваат санкции против турските министри за правда и за внатрешни работи Абдулахит Ѓул и Сулејман Сојлу во врска со случајот со американскиот свештеник Ендру Бренсон, кому во Турција му се суди за тероризам.
„Сметаме дека тој (Ендру Бренсон) е жртва на неправеден и неоправдан однос од страна на турската влада. Како резултат на тоа, секој имот или интерес во имот на двајцата министри, согласно американското законодавство, е блокиран, а на американски државјани им се забранува да вршат трансакции со нив“, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сендерс.