Мицкоски од Ташмаруништа: Македонија и ништо друго
Илинден e вознесот на една столетна борба на обесправениот народ, каде саможртвата е нужност тогаш кога борбата е единствениот начин до целта. Илинден е крикот на поробениот Македонец, тоа е жедта за слобода и човечки правдини, природниот стремеж за своја држава на секој Македонец, рече во својот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на чествувањето на Илинден во струшкото село Ташмаруништа.
Тој во говорот се осврна и на актуелната политичка состојба во Македонија.
„Гледаме како премиерот и естаблишментот околу него силно се удираат во гради дека биле за ЕУ, а демек сите останати кои не ја споделуваме нивната капитулација, не сме биле за ЕУ. Да не знаевме со кого си имаме работа може и некој ќе им поверуваше, а вака сето тоа удирање во гради за Европската Унија завршува во секундата кога ќе се подели некој тендер во здравството, или државна помош на фирмата на вицепремиерот, па затоа за да се одбегне јавноста кругот ќе се прошири со фирми на нивните кумашини. Или кога вицепремиерката така поради добро расположение со државен хелихопер ќе одлета на ручек, додека во болниците имаме недостаток на инкубатори за новороденчиња и имаме недостаток од амбулантни возила и кога полицајци и војници пешки го обезбедува теренот, затоа што возила нема. ЕУ не почитува такви политичари“, рече Мицкоски