Хаменеи повика на „подобро менаџирање„ за надминување на санкциите врз Иран
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи изјави дека економските тешкотии во земјата повеќе се резултат на внатрешно „лошо менаџирање“ отколку на притисокот на САД.
„Повеќе од санкциите на САД, лошото управување со економијата врши притисок врз обичните Иранци“, рече денеска Хаменеи за државната телевизија:
„Со подобро менаџирање и планирање можеме да им се спротивставиме на санкциите и да ги надминеме“, додаде тој.
Иран се соочува со растечки економски проблеми откако во мај САД се повлекоа од нуклеарниот договор од 2015 година на Техеран и светските сили, предизвикувајќи пад на националната валута ријал.
Спорадични улични протести неодамна го погодија Техеран и други градови поради падот на ријалот, високата инфлација, економските тешкотии и корупцијата.
На 7 август САД ги воведоа санкциите врз иранската економија кои беа укинати со потпишувањето на нуклеарниот договор во замена за ограничување на нуклеарната програма на Техеран. Втората рунда на санкции ќе стапи на сила на почетокот на ноември.