Љајиќ: Белград и Приштина се блиску до решение на косовското прашање
Српскиот вицепремиер Расим Љајиќ изјави дека Белград и Приштина никогаш не биле поблиску до решение за косовското прашање, како што вели, поради одлучноста на првите луѓе да го решат овој проблем.
„Блиску сме, бидејќи по првпат се гледа одлучноста на клучните луѓе во Белград и Приштина да се реши тој проблем и постои начелна согласност околу принципиелно решение. Со оглед дека не ја знаеме содржината на тоа решение и дека за него претстојат преговори, ние сме и многу далеку од конечно решение“, појасни Љајиќ.
Тој укажа дека постои отпор и во Белград и во Приштина за да се реши проблемот, а оти опозицијата и во Косово и во Србија користи исти аргументи да се „чекаат подобри околности“. Тој појасни и дека динамиката на процесот ќе зависи од меѓународната заедница која, според него, не е едногласна по тоа прашање.