Владата најави дополнителни субвенции за лозарите
Прес службата на Владата соопшти дека ќе биде обезбедена дополнителна субвенција од еден денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка.
„На овој начин ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти. Одлуката ќе биде донесена на следната владина седница. Освен оваа дополнителна субвенција, Владата ќе обезбеди финансиски средства за Здружението на лозари, за да можат да обезбедат дополнителни контроли на мерењето на шеќерните единици, за да нема манипулации и да бидат сигурни во проценките од винариите“, се вели во владиното соопштение.
Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. Претворена во килограми, како што соопштија од Владата, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм-стои во соопштението.