Сослушување на сведоци на рочиштето за „крвавиот четврток“
Манчевски рече дека толпата ја пробила вратата и оти поголема група на луѓе се упатила кон нив и почнала да ги мава со раце, стативи за камери, столици, тастатури и знамиња што ги носеле со себе, како и дека имал впечаток дека и други лица носат оружје, но оти не видел друго лице со оружје. Тој додаде дека постојано добивале закани по живот оти ја предале државата и дека се предавници.
Обвинетиот Игор Југ вкрстено го испрашуваше Дамјан Манчевски: „Очигледно видовте оружје, но не знаете какво, така ли е? Може тоа да биде нож, хебла, пендрек и слично?“, праша обвинетиот кој повеќе пати го формулираше прашањето поради приговори од Обвинителството. Манчевски рече дека не е експерт за оружје и оти се работи за оружје кое може да се стави на задниот дел на панталоните.
Денешното рочиште почна со сослушување на сведокот Дамјан Манчевски, а треба да сведочат и Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски. Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие на претходното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.