На 13 септември продолжува судењето за предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“
Обвинителката Ленче Ристовска рече дека СЈО обезбедило голем број на материјални докази и искази на сведоци кои ја разрешуваат дилемата кој, на каков начин и со кои средства и мотиви го вршел незаконското прислушување и оти ќе докажат дека е сторено кривично дело злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.
Во случајот „Таргет-Тврдина“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски.
Шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, на денешното рочиште се изјасни дека немал намера, волја ни свест да направи кривично дело, додека Мијалков кратко рече дека не се чувствува виновен. За невини се изјаснија и другите обвинети, поранешни и сегашни вработени во УБК. Следното рочиште е на 13 септември кога ќе бидат сослушувани сведоци на СЈО.