Дебатата за референдумот го одложи прогресивниот данок
Референдумската кампања ја одложи дебатата која требаше да се води ова лето во врска со воведувањето на прогресивниот данок, што беше најавено за 1 јануари следната година.
Владата во сегашните интензивирани активности во врска со кампањата за претстојниот референдум нема да брза во врска со прогресивниот данок, а премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција истакна дека даночната реформа реално е одложена поради кампањата, бидејќи доколку се водела во такви услови, таа ќе била подзаскриена.
Одговарајќи на новинарско прашање Заев истакна дека не може со сигурност да каже дали од 1 јануари ќе стапи во сила оваа реформа, нагласувајќи оти ако нема доволно време нема да се брза. Тој додаде дека еден од условите за оваа даночна реформа е да се даде доволно време за подготовка на економијата и на граѓаните.
“Даночната реформа реално ја одложивме. Ќе беше скриена, недоволно транспарентна, во момент кога дебатата за референдумот е толку силно отворена. Плановите беа да ја отвориме на почетокот на летото, да се дебатира во текот на летото, во септември да ги носиме одлуките, но се случи Договорот со Грција, со што се јави потребата да донесеме одлука за одложување на дебатата, затоа што малку граѓани и деловни луѓе ќе слушнеа за потребата за ваквата даночна реформа”, рече Заев.
Најави дека дебатата ќе продолжи по референдумот за граѓаните правилно да се информираат за оваа даночна реформа.