Шекеринска: „подготвени сме да ги реализираме реформите во одбраната“
Пристапните разговори кои се еден од последните чекори пред полноправно членство во НАТО, ќе ни помогнат да останеме фокусирани, да работиме напорно и да ги избереме вистинските приоритети, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средба со заменикот-помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Џејмс Апатурај, која се реализира во рамките на процесот за пристапни разговори на Македонија во Алијансата.
„Со изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како клучен документ, ги почнавме дискусиите за реформите во одбраната и подготвени сме да ги реализираме“, рече Шекеринска.
Таа додаде дека последната година Владата била посветена и работела на три значајни прашања: Договорот со Бугарија, Договорот за името со Грција и меѓуетничките односи во земјата. Во однос на членството во НАТО, Шекеринска рече дека тимовите во Министерството се подготвени да ги започнат пристапните разговори и дека тој процес се движи според планираната динамика, соопшти Министерството за одбрана.
Заменикот – помошник генерален секретар на НАТО Апатурај, честитајќи за лидерството на Македонија во регионот, истакна дека земјата направила голем пресврт за краток период и дека добрососедската политика на Македонија е впечатлива и за соседите, кои дале силна поддршка за полноправното членство на земјата во Алијансата.