Тритерол во демантот потврдува дека возеле ученици во Берово
Демант на Тритерол на објавен текст на 14.09.2018 за јавна набавка во општина Берово за организрање на превоз на ученици
Комисијата за јавни набавки на училиштето во Oпштината Берово, во постапката за прибирање на понуди за организирање на превоз на ученици, по одржаниот состанок на 31.08.2018 го избрала “Тритерол” како најпогоден понудувач. Поради ургентноста на јавната набавка, и со цел учениците да не останат без превоз на првиот ден од учебната година, телефонски ја известиле подружницата на “Тритерол” во Берово дека е избрана како најповолен понудувач на јавниот оглас, нагласувајќи дека договорот ќе биде потпишан во понеделник на 03.09.2018.
“На ден 03.09.2018 овластено извршивме превоз, па телефонски бевме известени дека постапката за склучување на договор е поништена и нема да има потреба од нашите услуги, без дополнително образложение.”- изјави управителот Живко Андреев.
Подружницата во Берово, која е дел од “Тритерол”– Струмица, не е управувана од партиски функционери и секогаш ги почитувала законите и правилниците. Фирмата “Тритерол”– Струмица, поседува лиценца за вршење на посебен линиски превоз на патници од Министерството за транспорт и врски, како и дозвола од градоначалникот на Општина Берово. Фирмата ги исполнува сите услови за вршење на ваков тип на превоз.
Апсурдно и несериозно е најголемиот мешетар во патничкиот сообраќај во последните 11 години, да се повикува на почитување на процедури и постапки. Помина времето кога мешетарот раководеше во сенка со патниот сообраќај и кога измислуваше свои правилници и закони, па оттука и дупките во законот станале негова специјалност.
“Тритерол” во текот на своето долгогодишно постоење, вршеше ваков вид на услуги, добиени со учество на тендери за јавни набавки за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз, не поради партиска поврзаност, туку поради професионализам и квалитет на услугата.
Одговор на РСЕ
Во својот демант фирмата Тритерол всушност ги потврдува сознанијата на Радио Слободна Европа дека го вршела превозот на ученици на 3 септември без потпишан договор со училиштето, како и што тврдевме во нашата сторија. Во текстот се наведува и потврдува дека фирмата учествувала во постапка со преговарање без објава на оглас на Дедо Иљо Малешевски, но дека преговорите пропаднале, како што потврдуваат од Тритерол и во демантот и на 5 септември е распишан нов тендер.
Доказ за тоа е и изјавата на директорката на основното училиште Дедо Иљо Малешевски, Наташа Аврамска за Радио Слободна Европа, како што е наведено во текстот потврди дека имало доставено понуди додека траела постапката со преговарање, но дека не потпишала договор со ниту една фирма.
„Да, комисијата измеѓу правела некои обиди, но на крајот се избра најзаконското решение“, изјави Аврамска.
Радио Слободна Европа истакнува и дека вработениот во фирмата, кој е ставен како лице за контакт Јован Матеничарски даде iзјава дека фирмата не вршела никаков превоз, а сега се тврди спротивното во демантот.
„Не ви е точна информацијата. Имаме отворено канцеларија, а превоз не вршиме. Ќе конкурираме на тендери па после ќе вршиме превоз, ако ги добиеме тендерите“, изјави Матеничарски.
Радио слободна Европа не тврдеше дека фирмата е управувана од партиски функционери, туку дека во подружницата Берово е вработен како комерцијалист претседавачот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Матеничарски е и претседател на општинската организација на СДСМ во Берово. Управител на фирмата, како што објавивме е Лефтер Андонов, кој е поранешен советник за транспортна политика во Kабинетот на премиерот Зоран Заев.
Фирмата Тритерол-Струмица, како што не информираа од општина Берово воопшто не побарала дозвола од градоначалникот за вршење на превозот. Уште еднаш го пренесуваме одговорот од градоначалникот.
Фирмата Тритерол ДООел Струмица подружница Берово нема доставено барање до општина Берово за добивање лиценца за вршење на превоз на ученици. „Согласно членот 43 и 44 од Законот за превоз во патниот сообраќај, градоначалникот на општината издава дозвола за посебен линиски превоз на патници (ученици), а лиценцата за вршење слободен превоз на патници и посебен линиски превоз на патници ја издава Министерството за транспорт и врски“, соопштуваат од Општина Берово.
Во текстот, како што соопштуваат во демантот, е потврдено дека фирмата има лиценца за вршење на посебен линиски превоз, која според податоците на Министерството за транспорт и врски, била издадена на 17 март минатата година.
Воедно градоначалникот Звонко Пекевски потврди дека веќе имале преземено мерки со тоа што го задолжиле училиштето, како што наведуваат, да ги прекине сите незаконски дејствија, доколку такви постојат што е потврдено со укинувањето на постапка со преговарање без објава на оглас и објавување на нов тендер.