На 3 октомври завршни зборови во издвоената постапка за „Тенк“
На 1 октомври ќе биде сослушан последниот сведок и техничкото лице на одбраната во случајот на СЈО „Тенк“, како и изведувањето на дополнителни докази од двете страни, а завршните зборови судијката Кацарска ги закажа на 3 октомври. За случајот се води издвоена постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес C-600“ во вредност од 600 илјади евра.
Денеска во Кривичниот суд вештото лице за материјално и финансиско работење Страхил Глигоровски истакна дека остварениот профит на економскиот оператор е во рамки на вообичаениот профит од продажба на „мерцедесот“, односно дека нема остварено екстра профит.
Вештачењето го направил по наредба на СЈО за да го утврди профитот на дилерот за продажба на возилото за рочиштето за „Тенк“ кое се води во издвоена постапка против Јанкулоска.
Случајот „Тенк“ на СЈО се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, случај во кој веќе е осуден поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, како и поранешниот премиер Никола Груевски осуден на две години затвор како поттикнувач за извршување на делото.