Ердоган ја започна посетата на Германија
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска пристигна во Берлин, со што почна неговата тридневна посета на Германија.
Ердоган пред поаѓањето за Германија изјави дека по неколкугодишните тензии сака „да сврти нова страница“ во билатералните односи.
Тој и изминатите денови истакнуваше дека посетата на Германија е со цел да ги интензивира економските и политичките врски со Берлин.
Турскиот претседател денеска ќе се сретне со претставниците на турската дијаспора во Германија, а потоа ќе присуствува на вечера организирана од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.
Изминатите денови поголем број германски политичари, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел ја одбија поканата за вечера во чест на турскиот претседател.
Поради посетата на Ердоган на Германија уште од минатата недела имаше протести во повеќе градови. Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишувашем „Ердоган не е добредојден“. За утре и за сабота се планирани неколку големи протести во Берлин и во Келн поради посетата на Ердоган.