Македонија ќе испрати 12 војници на мисија во Авганистан
Дванаестмина припадници на АРМ во ноември треба да заминат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а мандатот ќе им заврши по шест месеци, додека во мисијата „Алтеа“ во БиХ, Македонија ќе учествува со еден припадник, штабен офицер, исто така со мандат од шест месеци.
Собраниската Комисијата за одбрана и безбедност ги проследи денеска Предлог-одлука за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“, во Исламската Република Авганистан и Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на ЕУ „Алтеа“, во Босна и Херцеговина на натамошна собраниска постапка.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во обраќањето до членовите на Комисијата истакна дека 12-мината припадници на АРМ ќе асистираат или учествуваат во мисиите во делот на Коса-север, Командата за обука, советување и асистирање.
Финансирањето за надоместоците, како плати ќе ги покрива Македонија, додека трошоците за транспорт, сместување и исхрана ги обезбедуваат партнерските земји.