Европарламентот бара забрана на неофашистичките групи во ЕУ
Со 355 гласа за и 90 против, Европскиот Парламент усвои Резолуција со која бара да се забранат неофашистичките и неонацистичките групи во Европската Унија. Поттикнати од растот на неофашистичките движења во Европа и, како што велат, нормализацијата на фашизмот, расизмот и ксенофобијата, европратениците ги повикуваат земјите членки на Унијата да ги забранат овие групи. Резолуцијата предлага основање на единици во полициските сили чија функција би била борба против злосторствата од омраза. Парламентот бара државите членки на ЕУ јасно да ги осудат и санкционираат злосторствата од омраза, како и говорот на омраза кој доаѓа од политичари и функционери бидејќи тоа „директно ги нормализира и зајакнува омразата и насилството“.