Рангелова се повлекува - Не можам да бидам дел од раководство кое ја изолира ВМРО-ДПМНЕ
Вчера, пратеникот Драган Данев рече дека веќе нема да биде координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, од партијата беа исклучени пратениците кои гласаа за почеток на постапката за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, но и други видни членови и поранешни функционери, како доскорешниот партиски потпретседател Митко Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
Во објавата на оставката, Рангелова пишува дека се повлекува поради „очигледните несогласувања со политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Јас не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза помеѓу Македонците, но и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Рангелова на Фејсбук.
Рангелова е обвинета во случајот „Насилство во Центар“ на СЈО. Таа е една од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа да гласаат на референдумот на 30 септември, за разлика од најголем дел од раководството и членовите на оваа партија, кои го бојкотираа гласањето. Рангелова гласаше против почеток на постапката за уставни измени.