По Унијата на жени, и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ поднесе оставка
Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски, поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Во објавата на Фејсбук, тој вели дека „во последниот период партијата е преокупирана со дневна политика, популизам и задоволување на интересите на една мала група луѓе“.
„Гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори, кои што сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во поширокиот балкански регион. Ова е очигледно од сè појасното дистанцирање на нашата партија од најмоќното политичко семејство на континентот – Европската народна партија – каде што лежат нашите вредности и интереси, уште од самото основање на ВМРО-ДПМНЕ. Друг пример е фактот дека клучни носители на одлуки од американската администрација целосно одбиваат да дискутираат со моменталното раководство т.е. воопшто не ја сметаат нашата партија за релевантен фактор“, наведува Кржалоски.
Оставка вчера поднесе и раководството на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателката Даниела Рангелова.
Претходно, пратеникот Драган Данев рече дека веќе нема да биде координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
До ова дојде откако од партијата беа исклучени пратениците кои гласаа за почеток на постапката за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, но и други видни членови и поранешни функционери, како доскорешниот партиски потпретседател Митко Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.