Турско обвинителство - Кашоги бил задавен кога влегол во конзулатот
Турското обвинителство денеска соопшти дека саудискиот новинар Џамал Кашоги бил задавен штом влегол во саудискиот конзулат во Истанбул, а тоа било во рамки на веќе подготвен план. Обвинителите наведуваат дека неговото тело потоа било исечено на делови.
Како што се наведува во соопштението од канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул, Ирфан Фидан, разговорите со саудиските колеги не донеле конкретни резултати наспроти, како што се наведува, добрата волја на Турција да ја открие вистината. Ова е и прва јавна потврда на турските власти дека Кашоги е убиен кога влегол во конзулатот на втори октомври.
59-годишниот Кашоги, кој беше колумнист на Вашингтон пост, исчезна по влегувањето во конзулатот каде што отишол за да земе документи за регистрација, додека неговата вереница го чекаше надвор.