Почнаа новите американски санкции против Иран
САД ги почнаа новите санкции против иранскиот енергетски, бродски, финансиски и против секторот бродоградба, по одлуката на претседателот Доналд Трамп да се повлече од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили.
Санкциите, кои Трамп ги опиша како најсилни досега, почнаа денеска, како дел од напорите на Вашингтон да го засили притисокот врз Техеран „да го промени своето однесување“. САД го обвинуваат Иран дека ги поддржува воените насилства во регионот, што Техеран го негира.
Со санкциите се опфатени повеќе од 200 поединци и компании, меѓу кои и 50 банки и нивни подружници.
Државниот секретар Мајк Помпео најави дека Вашингтон ќе биде „немилосрден“ во притисокот врз Техеран и дека санкциите ќе го забрзаат падот на меѓународната економска активност на Иран.
САД ги предупреди другите земји дека мора да ги сведат набавките на иранска нафта на нула или во спротивно ќе се соочат со американски санкции, иако им даде одложување од 180 дена на осум земји, кои уште половина година ќе може да продолжат со увоз на иранска нафта. Одложување им е дадено на Кина, Индија, Јужна Кореја, Јапонија, Тајван, Турција, Италија и на Грција.
САД очекуваат земјите од ЕУ да ги почитуваат санкциите.
Иранскиот претседател Хасан Рохани во денешното телевизиско обраќање рече дека Иран се соочува со „воена ситуација“, но дека Техеран „гордо ќе ги заобиколи“ американските санкции за продажба на нафта.