Харадинај - Тачи ќе биде разрешен ако потпише промена на границата
Премиерот рече дека промената на границата е сценарио на српскиот претседател Александар Вучиќ и дека тоа сценарио не предвидува размена на територии, односно припојување на Прешевската Долина кон Косово, како што тврди Тачи.
„Идејата на Вучиќ е Србија да го добие северниот дел од Косово, богат со рудни ресурси, а во замена за тоа Косово нема да добие никаква територија, туку единствено признавање на независноста од страна на Белград“, рече Харадинај во емисијата „Пресинг“ на Т7.
Харадинај ја оцени како грешка средбата на Тачи со рускиот претседател Владимир Путин, затоа што, како што рече, Косово припаѓа на друга зона на интерес, односно на „западната, американската и европската зона на интереси“.