Почина поранешниот американски претседател Џорџ Буш постариот
На 94-годишна возраст синоќа почина поранешниот американски претседател Џорџ Буш постариот. Веста за смртта на 41-иот претседател на САД ја објави неговиот син, поранешниот претседател Џорџ Буш помладиот.
„Џеб, Нил, Марвин, Дороти и јас со жал ве известуваме дека по 94 забележителни години почина нашиот почитуван татко. Џорџ Херберт Вокер Буш беше благороден човек и најдобриот татко, кој би можел да се посака“, напиша Џорџ Буш помладиот во соопштението што на Твитер го објави портпаролот на семејството, Џим Макграт.
Џорџ Буш постариот беше 41-иот претседател на САД. За време на неговото владеење меѓу 1989 и 1993 година заврши Студената војна, а во негово време беше изведена и воената операција „Пустинска бура” против ирачкиот претседател Садам Хусеин. Буш беше претседател во еден мандат. На изборите во 1992 година беше поразен од демократот Бил Клинтон.