Универзитетот на Сорос протеран од Будимпешта
Михаил Игнатиев, ректор на универзитетот основан од американскиот милијардер со унгарско потекло Џорџ Сорос, денеска соопшти дека универзитетот „бил протеран“.
„Американска институција е истерана од земја-членка на НАТО“, рече тој, оценувајќи дека ова е случај без преседан.
Сите наставни програми акредитирани во САД од септември наредната година ќе почнат во Виена. Сепак, универзитетот ќе го задржи кампусот во Будимпешта, а студентите што се запишале таму, ќе може да ги довршат студиите.
Владата на Орбан го смета Универзитетот, кој е основан во 1991 година, за непријателски бастион на либерализмот.
Во 2017 година, владата на Орбан донесе нов закон со кој постави многу тешки услови за странските универзитети. Портпаролот на унгарската владата го нарече ЦЕУ „потемкинов кампус кој не ги задоволува новите правила“. Унгарската влада одби да потпише договор со владата на САД, што ќе му овозможеше на ЦЕУ да продолжи со работа во Будимпешта.