Холандскиот суд пресуди - не може да се менува возраста
Емил Рателблан минатиот месец побара од судот во Арнхем официјално да го промени неговиот датум на раѓање и наместо 69 години, колку што навистина има, да има 49 години. Тој тврди дека не се чувствува како да има 69 години и оти неговото барање е во согласност со другите форми на идентификација и трансформација во целиот свет, како што е промената на личното име или полот.
Сепак, судот денеска го отфрли неговото барање, со образложение дека холандските закони предвидуваат права и обврски поврзани со возраста, како правото на глас или обврската за запишување на училиште. Според судот, ако се прифати барањето на Рателблан, правата и обврските поврзани со возраста ќе станат безначајни.