Кабинет на Ципрас: Мицотакис да не си игра со клучните прашања
Од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас реагираа на изјавата на лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис и го повикуваат да биде сериозен и „да не си игра си клучните национални прашања”, јави дописничката на МИА од Атина.
„Не е доволно што господинот Мицотакис заборава дека во времето на неговата влада беше признаено постоењето „македонски јазик” во 1997 на конференција на ОН. Не е доволно што во неговото неодамнешно интервју за „Политико” доброволно отвори прашање за „автономистички сили” во Грција. Продолжува со опасниот лизгав пат, сега доброволно отворајќи прашање за „малцинство”, иако знае многу добро дека Договорот од Преспа комплетно го затвора и последниот прозорец за таква можност“, соопштуваат од кабинетот на Ципрас.
Во соопштението се додава и дека Македонија и премиерот Зоран Заев мора внимателно и прецизно да се држат до договорот за да се интегрираат во НАТО и во ЕУ.
Мицотакис уште еднаш повтори дека Нова демократија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа и повика истото да го сторат и другите партии и пратеници.