Нинџа за 27 април – Координацијата беше од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците требаше да направат тепачка
Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, на денешното рочиште за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, рече дека насилствата биле организирани и координирани од ВМРО-ДПМНЕ и во нив учествувале високи партиски функционери.
Тој рече дека неполн час пред упадот во Собранието во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бил одржан состанок на „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“ во состав Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристевски, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски и Митко Чавков, а подоцна дошол и директорот на УБК, Владимир Атанасовски.
Тој рече дека Борис Јосифовски од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов му рекол на Никола Бошковски дека во секое време може да биде прогласена воена состојба.
Тој рече дека Бришковска комуницирала со претседавачот со седницата Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристевски со еден од водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски Бетмен, а Митко Чавков со Митко Пешов и со друг началник во СВР Скопје.
„Бришковска кажуваше дека пратениците не си ја завршиле работата, односно не предизвикале инцидент и не направиле тепачка внатре во Собранието како што било договорено во првото сценарио“, рече Нинџа пред судот, по што таа му се јавила на Вељаноски да се отворат вратите од Собранието.
Александар Василевски Нинџа рече дека на состанокот бил до 19:15, а после добил наредба од УБК да ја следи ситуацијата и да известува што се случува, но дека не учествувал во насилствата во Собранието.
Претходно, дел од обвинетите од групата на Нинџа, кои со фантомки упаднаа во Собранието, пред судот рекоа дека насилствата во Собранието на 27 април минатата година биле креирани од структури во Управата за безбедност и контраразузнавање со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите и рекоа дека наредбите ги добивале токму од обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој бил нивната врска со оперативци на УБК.