Јапонската влада ги забранува Хуавеи и ЗТЕ за своите службеници
Јапонската влада ќе им забрани на своите службеници да ги користат уредите на кинеските компании Хуавеи и ЗТЕ, бидејќи ги смета за закана за безбедноста, пренесуваат денеска јапонските медиуми. Весникот Јомиури шимбун и новинската агенција Џиџи наведуваат дека одлуката би можела да биде донесена в понеделник. Повикувајќи се на анонимни владини извори, весникот пишува дека САД од своите сојузници побарале да ги избегнуваат производите од овие две компании поради страв дека се користат за изведување хакерски напади.
На листата на забранети ќе се најдат и јапонски производи кои користат компоненти од Хуавеи и од ЗТЕ.
Јапонија веројатно нема експлицитно да ги именува компаниите за да не го предизвика гневот на Пекинг.
Портпаролот на јапонската влада, Јошихиде Суга одби да ги коментира наводите на медиумите, но рече дека Јапонија „блиску соработува со САД“ по прашањето на информатичката безбедност.
Хуавеи претрпе силен удар со апсењето на нивната финансиска директорка во Канада, на барање на САД.
Вашингтон ги обвинува Хуавеи и ЗТЕ дека во рамки на својата соработка со Иран ги прекршиле американските закони.