Поранешниот американски претседател Џорџ Буш погребан во Тексас
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш вчера беше погребан во дворот на неговата претседателска библиотека во градот Колеџ Стејшон во Тексас, каде што почиваат и неговата сопруга Барбара, којашто почина во април годинава и нивната ќерка која умрела во детството.
Пред погребот се одржа приватна меморијална церемонија во Хјустон, а завчера во Вашингтон се одржа државна церемонија на која присуствуваа светски лидери.
Десетици илјади луѓе оваа недела му оддадоа почит на Буш, чие тело беше изложена во Капитолот во Вашингтон.
Илјадници луѓе излегоа да му оддадат почит на 41 американски претседател покрај пругата по која се движеше возот со ковчегот од Хјустон до Колеџ Стејшон.
Буш, кој беше претседател од 1989 до 1993 година, почина во Тексас на 30 ноември на 94-годишна возраст.
На погребната церемонија во Катедралата во Вашингтон, присуствуваа американскиот претседател Доналд Трамп и поранешните претседатели Барак Обама, Бил Клинтон, Џими Картер, како и Џорџ Буш Помладиот, кој е син на починатиот. Меѓу другите на церемонијата присуствуваа и Принцот Чарлс, германската канцеларка Ангела Меркел и Кралот Абдула Втори од Јордан.