Николовска - Судот го испрашуваше Вељаноски спротивно на законот
Адвокатката Ружица Николовска која го брани обвинетиот Горан Ѓошевски – Леви за настаните во Собранието на 27 април, рече дека Судот треба да е нем посматрач, а доколку има потреба од разјаснување на одредени работи во тој случај треба да побара појаснување. Таа коментираше за прашањата упатени кон сведокот Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, од страна на претседателката на судечкиот совет Добрила Кацарска. Вељаноски денеска сведочеше за настаните од 27 април минатата година во Собранието на барање на одбраната на обвинетиот Ѓошевски. Ѓошевски тогаш беше шеф на лично обезбедување на Вељаноски како претседател на Парламентот.
„Како правник и како професионалец изненадена сум од некои работи што се случија денеска во судницата. Провокациите од јавниот обвинител беа невкусни со дофрлање на некои коментари, а испитувањето на судот сметам дека не е во ред и не е во духот на ЗКП. Ваквиот начин на испитување на сведокот Вељаноски сметам дека е надвор од законот, бидејќи Судот на сите останати сведоци даваше да се доискажат до крај, но со него се случи на еден поинаков начин. Дали е тенденциозно и пристрасно не е мое да кажам, јавноста нека цени, но од она што го видов не е дозволено“, изјави Николовска по завршувањето на сведочењето на Вељаноски.