Поранешен руски полицаец осуден на 13 години затвор за предавство
Судот во Москва денеска го осуди поранешниот полициски офицер Александар Житњук на 13 години затвор под обвинение за предавство. Тој беше осуден зашто му дал класифицирани информации на норвешки разузнавач. Житњук беше уапсен во ноември минатата година под сомнение дека му предал тајни материјали на Норвежанец, идентификуван како Фроде Берг, кој исто така е во притвор во Русија.
Норвешките медиуми објавија дека Берг е 63-годишен поранешен граничен инспектор и дека норвешкото МНР работи да му обезбеди помош.
Според истрагата, Берг им испраќал пари на руски граѓани врбувани од странски разузнавачки служби во замена за класифицирани воени информации. Берг негира дека е виновен.